Предавање на проф. Софија Грандаковска - „Чии граѓани беа Евреите депортирани од Македонија?“
Почитувани,
Чест ни е да Ве известиме дека проф. Софија Грандаковска ќе одржи предавање со наслов Чии граѓани беа Евреите депортирани од Македонија?
Предавањето ќе се одржи во четврток (8 мај, 2014 год.), со почеток во 19.00 часот во просторот на клубот ГЕМ (Клуб на Граѓани за европска Македонија) во Скопје и ќе биде дел од третото по ред издание на симпозиумот Кураторски размени 3: Курирање општество и продукција на моќ. Куратор на програмата на симпозиумот е Јане Чаловски.
Во услови на воспоставен анти-семитски државно-административен бугарски систем уште од првите денови на окупацијата на Македонија во април 1941, и припојувањето на вардарскиот дел од Македонија во рамки на кралството Бугарија - прашањето за третманот на македонските Евреи како не-бугарски граѓани претставува особен пример кој ја подвлекува специфичноста на холокаустот во Македонија во однос на другите искуства од холокаустот во Европа. Македонските Евреи биле исклучени од можноста за добивање бугарско државјанство според Законот за заштита на нацијата од 1941, а во исто време биле запишувани како бугарски граѓани во Декларациите за еднократен данок од 1941; тие биле запишувани како поранешни југословенски граѓани во Полициските регистри од 1942, како лица со привремен престој во Македонија, и како странци, сѐ до нивното депортирање како res nullius во 1943. Во тој контекст, се поставува прашањето: Чии граѓани биле Евреите кои од Македонија биле депортирани од страна на бугарската елита, со помош на администрацијата и полицијата, и им биле предадени на германските авторитети на станицата Малкиниа од каде биле однесени на брза егзекуција во гасните комори во Треблинка II?
Предавањето ќе биде придружено со отворена дискусија со гостите и публиката.
Кураторски размени е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.
Кураторски размени 3: Курирање општество и продукција на моќ се одржува во периодот од 7 до 9 мај и е подготвен со намера да се осврне на прашањето за тоа како теолошки, политички и економски изведениот дискурс денес, може да курира општествено критички концепт, или, на кој начин дискурсот произведен од државата, теологијата и политиката се вклопува во денешниот културен контекст. Освен предавањето на проф. Софија Грандаковска програмата вклучува и предавање од проф. Гил Аниџар (Gil Anidjar), изложба на уметницата Христина Иваноска и разговор помеѓу авторката и културниот теоретичар Искра Гешоска.
Д-р Софија Грандаковска е професор по општа и компаративна книжевност. Примарен предмет на нејзин научен интерес се интердисциплинарни истражувања од областа на компаративните културни студии и холокаустот, еврејската историја и византологијата.
Била стипендист на The Baron Friedrich Carl von Oppenheim Chair for the Study of Racism, Antisemitism, and the Holocaust во Ерусалим, Израел во 2013-14 г. каде го спровела своето постдокторско истражување од областа на историјата: „Холокаустот во Македонија и депортацијата на Евреите од Македонија“. Користела номинација за научен престој од Македонската Академија на Науките и Уметностите во Српската Академија на Науките и Уметностите во 2007 г., во Византолошкиот и Балканолошкиот институт; и номинација од press to exit project space за интелектуална размена за нејзиното академско остварување во Р. Македонија во културниот центар apexart во Њујорк, во 2009-2010 г.
Во 2006 година, С. Грандаковска е прогласена за Најдобар млад научник на годината за 2005 г. и е сè уште единствен носител на престижното признание доделено од Фондот за млади научници „Вита Поп-Јорданова“ при Македонската Акаемија на Науките и Уметностите.
Автор е на две научни дела: „Портретот на сликата“ (2010) и „Говорот на молитвата“ (2008), на две поетски книги „Осмиот ден“ [The Eighth Day] (2005)] и „Препечено сонце“ [The Burning Sun] (2009), приредувач со предговор и коавтор на билингвалната хрестоматија „Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура [The Jews From Macedonia and the Holocaust: History, Theory and Culture](2011) и ко-уредник и ко-автор на двојазичното book-zine издание ДОМА [HOME], том 1 (2010). Таа е ко-куратор на историско-документарната изложба „Евреите од Македонија и холокаустот“ (МАНУ, Скопје, 2011 и Галерија на еврејска заедница Белград, Белград, 2013).
Работела во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ каде предавала Современи теории на културата, Поетиката на византиската книжевност и Холокаустот и неговите теоретски дискурси.
Проф. Софија Грандаковска