СÈ ШТО РАБОТИ / Everything Matters Prototypes
Проектна активност | Уметници: Христина Иваноска и Јане Чаловски | СÈ ШТО РАБОТИ / Everything Matters Prototype| мај - ноември 2014
"Сѐ што работи" e проект на уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски кој го третира концептот за производство на прототипи на предмети кои функцираат како уметнички објекти. Намерата на проектот е да развие серија на прототипи или помали едиции на производи во соработка со занаети во изумирање, или во соработка со мали фирми чие производство е насочено кон реализирање на производи во еден конкретен медиум.
Проектот ја потенцира важноста на уметникот во креирање на било каква содржина или производ на пазарот на трудот. Оттука, тој се осврнува на проблемот со новите производствени системи, продукт на новонастанатиот транзициски систем, кои не ја препознаваат важноста на уметникот во процесот „од идеја до реализација“ сметајќи го за излишен и економски неодржлив, сведувајќи го производството на репродукција, а не на креација. И додека во големите производствени линии, во времето на социјализмот, уметникот беше дел од креативниот тим кој размислува за аплицирање на уметничкото и естетското во масовното производство, таа суштинска алка во производството исчезнува со распадот на еден економски систем во наметнатата потреба да се замени со друг. Истовремено, иако артизанот, како нова категорија на македонскиот пазар, се појави и се развива во изминатите дваесетина години, уметниците кои создаваат во полето на современата уметност скоро и да немаат никаков допринос во оваа гранка од културниот и социо-економскиот сегмент од општеството.
Од процесот на изрaботка и сликање на керамички садови на Христина Иваноска во соработка со Александар Дудески.
Everything Matters Prototypes Inc. (или во превод на мекедонски „Сѐ што работи“) за прв пат беше преставен во 2001 година, во рамки на самостојната изложба „So LOW: Everything Matters Prototypes“, во Нова Галерија, во Загреб (Хрватска) како и на Меѓународниот проект за уметност и теорија „Капитал и пол“ куриран од Сузана Милевска, а претставен во ГТЦ, Скопје. На овој настан Чаловски во соработка со Христина Иваноска го претстави нивниот прв заеднички прототип „Ќебе за забава и/или за недај боже“ кој доживеа и интернационална промоција.
Во следната фаза на проектот уметниците избраа да работат во различни медиуми и со различни соработници. Јане Чаловски во соработка со ХРИСАЛ-Скопје изработи прототипи на кревет од сирова прехрамбена гума, а во соработка со архитектот Иван Пешевски, тој работи и на серија мултифункционални и монтажни објекти, како истовремено функционални, наменски и естетски предмети. Христина Иваноска, пак, во соработка со скулпторот и керамичар, Александар Дудески, изработи уникатни керамички садови, рачно моделирани и сликани со декоративни керамички бои. Таа изработи и неколку парчиња во текстил, рачно сликани и везени. Иваноска го чувствува текстилот како еден од нејзините омилени медиуми за изразување и во изминативе две децении има изработено различни форми/објекти од овој материјал, со различна намена.
Притоа, при процесот на идејно промислување на овие прототипи, двајцата уметниците го задржуваат својот препознатлив ликовен јазик и истиот го аплицираат во медиумот кој го избрале за соодветен.
На занаетите во изумирање им е потребно осовременување и вклучување во современите текови. Тие не треба да претставуваат само атракција за туристите, туку можност за она што постои како акумулирано знаење и вештина, негувани со генерации, да се пренесе и адаптира во современиот контекст и да стане апликативно и прифатливо за поширока и разновидна група на конзументи. Токму тој процес на адаптирање, во кој уметникот има значајна улога, е препознатлив во овој проект. Прво, затоа што работата во различни медиуми им е блиска на Иваноска и Чаловски, кои не забораваат дека современата уметничка продукција интегрира различни медиуми, користење на различни материјали и инкорпорирање на соработници од различен профил. Второ, во овој конкретен процес уметниците не размислуваат само како нарачатели во процесот на продукција, туку превземаат активна и вклучувачка улога во истиот. Интересен историски пример, кој потвдува дека уметноста и занаетот можат успешно да соработуваат, е движењето “Arts & Crafts” кое се појавува во Англија кон крајот на 19 век. Ова меѓународно движење се раѓа како реакција на индустриската револуција и изумирањето на занаетите и ги вклучува уметниците во служба на зачувување на една долга занаетчиска традиција. Тие занаетот го користат во функција на уметноста и обратно. Како резултат на оваа соработка се создаваат производи за секојдневна употреба со врвни естетски и уметнички квалитети наспроти едноличноста со која се карактеризира масовното производство.
Недостатокот пак, од развиен и стабилен економски систем кој интегрира повеќеслојност, во која секој би го знаел своето место во системот, води до нефункционалност на малите производствени бизниси и нивно позиционирање на маргините на производствениот систем, кој го држат и одржуваат единствено големите и моќни произведувачи и увозот. Токму затоа, соработката на уметниците со малите производствени бизниси може да претставува „освежување“ на пазарот во кој бенефит остваруваат обете страни. Работењето од оваа позиција (уметникот и работникот како маргинализирана алка во економскиот систем) со материјал кој е отфрлен во процесот на производството, на тој начин создава продукт кој ги задоволува и потребите за функционалност, но и потребите за естетското, уметничкото, дизајнот.
Изработка на шал од филц, рачно везен, на Христина Иваноска.
Од процесот на изработка и сликање на керамички садови на Христина Иваноска во соработка со Александар Дудески.
Од процесот на изработка и сликање на керамички садови на Христина Иваноска во соработка со Александар Дудески.
Од процесот на изработка и сликање на керамички садови на Христина Иваноска во соработка со Александар Дудески.
Од процесот на изработка на кревет од сирова гума со наслов ИЗБРИШАНО на уметникот Јане Чаловски во соработка со ХРИСАЛ-Скопје.
Од процесот на изработка на кревет од сирова гума со наслов ИЗБРИШАНО на уметникот Јане Чаловски во соработка со ХРИСАЛ-Скопје.
Од процесот на изработка на кревет од сирова гума со наслов ИЗБРИШАНО на уметникот Јане Чаловски во соработка со ХРИСАЛ-Скопје.