Каде да (не) одиме?

Изложба | Каде да (не) одиме? | организирана од проектен простор прес ту егзит | куратор: Јованка Попова| Галерија МЦ, Њујорк|16 февруари - 1 март 2015 (отворање на изложбата и разговор со кураторот и уметниците Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски: 23 февруари, 19.00 ч.)

Уметници: Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Александар Ковачевски, Владимир Лукаш, Нада Прља, Даниел Серафимовски, Тихомир Топузовски, Никола Узуновски, Неда Фирфова, и Јане Чаловски.

Во која мера историските и политичките пресврти се одразени во сегашниот изглед на градот? Дали го препознаваме урбаното како јадро на социјална солидарност или пак како простор за остварување на разновидни политички агенди? На кој начин се справуваме со моќта и нејзиното директно влијание врз урбаниот развој? Преку деконструирање на процесите на илустрирање, архивирање, документирање и изведување, уметниците се соочуваат со мноштвото контрадикции со кои во Македонија се обидуваме да опстојуваме. 

Осврнувајќи се на теми како што се историскиот и урбан развој на Скопје, социјалната нееднаквост, политичката, културна и економска репресија врз маргинализираните, скорешните несоодветни образовни реформи и редизајнирање на традиционалните вредности, уметниците претставени во групната иложба KAДЕ ДА (НЕ) ОДИМЕ? не отстапуваат од потребата за аргументирање и натамошно истражување на нивните индивидуални позиции. Оттука, „каде да (не) одиме?“, всушност се однесува на она – „зошто да чекаме повеќе?“. Вниманието е свртено кон она што е лево ориентирано и неискажано, она што се огласува зад тишината на сивата документација, граничните точки во кои дискурсите се оспорени или пак генерираат контра-дискурси. Изложбата е конципирана во четири целини во кои се групирани по три дела од поновата продукција на дванаесет современи македонски автори. 

Делата на Неда Фирфова, Даниел Серафимовски и Филип Јовановски го третираат концептот на презентирање и архивирање на настани и процеси поврзани со Скопје. Книгата, како медиум која изразува идеи и концепти низ формата и содржината, отворена e во начинот на кој комуницира со публиката. Уникатна и лична, и исто како и отворената архива, интерактивна во начинот на комуникација, таа се однесува на самиот начин на интерпретација на фактографската содржина која, според Фуко, наместо да се перцепира како документ кој е предмет на историско истражување, станува своевиден став и изјава. Оттука, отворената архива може да се чита како трансформација на ставови поврзани со серија на трауматични настани во градот кој исчезнува, во делото на Фирфова; да претставува знаци кои упатуваат кон нешто што треба да се интерпретира, во делото на Јовановски; или, да се доживее како збир на документи и колективно знаење за одреден период, во отворената архива на Серафимовски. На тој начин, овие три автори се надополуваат во нивниот третман на книгата како архивен простор и создаваат своевидни „споменици" кон кои треба да се однесуваме на начин како што се однесуваме кон физичките артефакти најдени во истиот тој јавен простор на кој што му се обраќаат.

Христина Иваноска, Нада Прља и Велимир Жерновски се oсврнуваат на себството во релација со заедницата и колективитетот и урбаното како синоним за простор за солидаризација, споделување колективни искуства и заедничко делување. Ако битствувањето е да се биде-со, тогаш она "со" е тоа што го што претставува битието; На исто ниво се манифестира и начинот на кој делува колективната моќ: моќта не се наоѓа надвор од членството на колективот, ниту пак во секој од нив одделно, туку се состои во самиот колективитет како таков. Затоа, "со" не е придавка на битисувањето, туку е во суштината на самото постоење (Jean-Luc Nancy). Оттука, уметниците критички го преиспитуваат концептот на заедницата, тргнувајќи од претпоставката на Nancy дека егзистенцијата е првенствено ко-егзистенција, вклучувајќи прашања за идентитетот, третирани во делото на Прља, национализмот и исклученоста, кај Жерновски, и политиките на моќ во контекст на „себството" и „другоста" кај Иваноска, релевантни за психоаналитичките, политички и мултикултурни концепти.

Делата на Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Лукаш го покриваат доменот на фигуративното, урбаното и секодневието на обичниот човек. Тие се осврнуваат кон тактиките, како форма на непредвидливa креативност, со кои поединецот се користи во простор во кој постои револуционерен потенцијал за манипулирање со односите на моќ, и политиката и популарната култура во градот на модернистичката утопија, постојаната реизградба и процесите на трансформација. Tеоријата на Michel de Certeau за разликата меѓу тактиките и стратегиите поврзани со институциите и структурите на моќ, како елементи од реалноста и официјални правилници во општеството, е евидентна во делото на Чаловски. Од друга страна, колажите на Лукаш се осврнуват на перформативните и неочекуваните пристапи кои се користат во однос на стратегиите, за остварување на сопствените желби, потреби и имагинација. Наспроти тоа, наративата на подредените и нивната дефанзивна природа, привремено запленета во простори, како физички така и ментални, произведени и управувани од помоќни стратешките релации, станува клучен концептуален исчекор во делото на Јовановиќ.

Делата на Тихомир Топузовски, Никола Узуновски и Александар Ковачевски се осврнуваат на естетиката и јазикот на протестот. На кој начин се артикулира протестот, и доколку постои естетиката на протестот, дали таа може да се изрази во серија на слики произведени како документација на истиот? Ова се само некои од прашањата од развојниот процес на делото на Топузовски. Дали протестот се организира околу секвенца од слики, што Hito Steyerl го нарекува монтажа, и на кој начин aртикулацијата на протестот се одвива на ниво на јазик, односно визуелизација, e клучно прашање во делото на Ковачевски. Основниот јазик на директива насочена кон поединецот или заедницата, за да го контекстуализира протестот како лична акција, е евидентно во делото на Узуновски. Претставените дела преиспитуваат што ќе се случи доколку, во спротивност, формата на уметничкото дело, т.е теоријата на монтажата, ја надоврземе кон полето на политиката? Што ќе се случи со политичкото едитирано на овој начин, и каков вид на политичко значење може да произлезе од овој тип на артикулација?

Оттука, политичкиот и социјалниот аспект на селектираните дела е основата која ги поврзува уметниците во една кохезивна целина. Делата се однесуваат на истражувања и практики во чиј фокус се мноштвото простори во Скопје, општествено произведени и истовремено продуктивни во општествениот сектор; Тие се фокусираат на контрадикторни, конфликтни процеси, процеси со политички карактер во производството на просторот. Истовремено, се осврнуваат на јавниот простор, како „место на живеење, место на растројство, место каде се игра и учи, на улицата, истовремено како место со информативна функција и место каде што се одвива револуцијата, создавајќи нов ред надвор од нередот“, или пак, на просторот од секојдневниот живот, како пресек на „илузијата и вистината, моќта и немоќта, пресек на подрачјето што го конторлира човекот и онаму каде тој нема контрола" (Henry Lefebvre).

Изложбата која ќе биде претставена во Галерија МЦ во Њујорк, е дел од поширокиот проект „Каде да (не одиме)?“ кој свое прво претставување имаше во рамки на Istanbul Contemporary во 2012, а ќе продолжи да се развива и во текот на 2015 година.

 

Ѓорѓе Јовановиќ, Каде да (не) одиме?, дизајн на лого. Сопственост на уметникот и проектен простор прес ту егзит. 

Изложeни дела: 

Неда Фирфова, Екстра занаетчиска трговија работилница експорт комплетна импорт програма (Книга за иднината), 2009, книга, офсет принт и ситопечат, 17x12cm, 32 стр. Сопственост на авторот. 

 

Филип Јовановски, Не зјапајте така романтично! Импресии во неколку фази за градот што се распаѓа (2012-2014), 2014, инсталација. Сопственост на авторот.

 

Даниел Серафимовски, Отворена архива, 2014, инсталација. Сопственост на авторот. Фото: Зоран Шеќеров.

 

Јане Чаловски, Опсесивна поставка (Реархивирање на мастер планот на Кензо Танге за Скопје 1963/65), 2013, видео. Сопственост на авторот и галеријата Жак Браницка.

 

Ѓорѓе Јовановиќ, Тивка ноќ, 2014, инсталација, цртеж и објекти. Сопственост на авторот.

 

Владимир Лукаш, Непотребна информација - неангажиран колаж, супер за во влада, 2012, (и други дела), цртежи, комбинирана техника. Сопственост на авторот.

 

Велимир Жерновски, Сета убавина мора да умре!, 2013, серија на цртежи, акрил и маркер на хартија. Сопственост на авторот.

 

Христина Ивановска, Кутрите мали богати девојки (избришано минато), 2015, серија на цртежи, комбинирана техника. Сопственост на авторот.

 

Нада Прља, Слика - Совршена суровост, 2014, од серијата од 10 фотографии, дигитален принт во боја. Сопственост на авторот. Фото: Виктор Наумовски и Зоран Шеќеров.

 

Тихомир Топузовски, 10 минути протест, 2014, протестни банери. Сопственост на авторот.

 

Никола Узуновски, Out - Now, 2014, видео. Сопственост на авторот.

 

Александар Ковачевски, Дискретниот шарм на продавачите на магла, 2015, видео-слајд, проекција. Сопственост на авторот.

 

Благодарност до Софија Грандаковска, Данче Чаловска, Мира Гаќина, Славчо Димитров, Никола Гелевски, Искра Гешоска и Горазд Попоски.

Поддржано од Министерство за култура на Република Македонија.