Музеј на женски приказни
Надворешни активности | Христина Иваноска | истражувачки проект како дел од проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија” | 15.09-30-11. 2015.
Музеј на женски приказни е ко-авторски проект на Искра Гешоска, Христина Иваноска, Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски кој произлезе од идејата да се истражи, согледа и (ре)афирмира улогата на жената во општествено-политичкиот, социјалниот и семејниот контекст преку исчитување на културните значења, симболи, асоцијации, задскриени зад историските факти, од првата половина на 20-тиот век во Битола, Прилеп и Крушево со околијата на Пелагонискиот регион.
Целта на проектот е да се откријат и деконструираат преку сублимни, социо-културни референтни напомени, историските факти позади кои постојат конкретни општествени односи и динамика, како и идеолошки и дискурзивен апаратус, и нивното учество и влијание во создавањето на културните значења и еманципацијата на жената од минатото до денес.
Истражувањето кое се спроведе во 2014/15 година е артикулирано преку аудио-визуелна изложба, проследена со разговори и публикација.
Изложбата и разговорите ќе се реализираат во Битола, Прилеп и Крушево во периодот од 15 септември до 30 октомври 2015 година, а публикацијата ќе биде објавена во 2016 година.
ИЗЛОЖБАТА во БИТОЛА ќе се реализира во периодот од 15 до 29 септември во НУ Завод и музеј Битола
15 септември / 19:00 ч. – отворање на изложбата / 20:00 ч. – разговор со Александар Литовски, Ѓорги Пулевски и ко-авторките на проектот
По изложбата во Битола ќе следат изложби во Прилеп - НУ ЦК Марко Цепенков (01-13 октомври 2015) и Крушево - НУ Историски музеј - Уметничка галерија „Никола Мартиноски“ (15-30 октомври 2015)
* * *
воведен текст за изложбата: Биљана Тануровска-Ќулавковски и Виолета Качакова
визуелно решение на изложбата и авторка на цртежите: Христина Иваноска
авторка на текстот „Гласот на сенката“: Искра Гешоска
аудио материјал/читање на фрагменти од „Гласот на сенката“: Милица Стојанова
снимање и обработка на аудио материјалот: ПМГ Рекордингс
програмско уредување и координација на проектот: Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
печат и припрема на визуелните материјали: Кома дизајн
* * *
Музеј на женски приказни е дел од проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија” развиен и поддржан во рамки на Програмата за Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија од Франција и Репубика Македонија, а програмски уреден и имплементиран од Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Скопје, Македонија во соработка со областа на заливот Мон Сен Мишел од регионот Долна Нормандија, Франција.
Партнери во реализација на изложбата: НУ Завод и музеј Битола, НУ ЦК Марко Цепенков Прилеп и НУ Историски музеј Крушево