КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ 4: Уметничкиот труд помеѓу отпорот и прекаријатот

Симпозиум | Кураторски размени 4 | предавања на Алберт Хета и Андерс Кројгер | во организација на проектен простор прес ту егзит | Клуб ГЕМ и Институт за општествени и хуманистички науки - Скопје| 3ти и 7ми ноември 2015, 19.30 ч. 

Програмата на вториот дел од овогодинешното четврто по ред издание на Симпозиумот „Кураторски размени 4“ третира прашања поврзaни со концептот за социјална држава, начините на кои тој кореспондира со прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации во денешниот културен контекст. Истовремено покренува теми кои се важни за моменталните случувања на глобално ниво: уметнички практики кои се осврнувааат на начините на комуникација меѓу различни социјални и економски структури, прекаријатска егзистенција и вреднување на трудот, подемот на екстремната десница во Европа, несреќата на бегалците од граѓанската војна во Сирија, или можниот пресврт кон не-монетарна економија.

Програмата вклучува предавање од Алберт Хета (Albert Heta) уметник, куратор и ко-основач на независната уметничка институција Стацион – Центар за современа уметност (Stacion - Center for Contemporary Art) во Приштина и Андерс Кројгер (Anders Kruger), куратор во M HKA, Музејот на современа уметност во Антверп.

КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Симпозиумот е инициран во 2012, a овогодинешното, четврто по ред издание на програмата е поддржано од Mинистерството за култура на Rепублика Mакедонија, и е реализирано во партнерство со Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и ГЕМ клубот на граѓани за европска Македонија.

ПРОГРАМА

3-ти ноември (вторник)

Локација: ГЕМ клуб

Време: 19.30 ч. 

Предавање и разговор со Алберт Хета (Albert Heta), уметник, куратор и ко-основач на независната уметничка институција Stacion - Center for Contemporary Art во Приштина со наслов:

Состојба на угнетување и државата на благосостојба

Предавањето се сврнува на два проекти кои кажуваат многу за институционалната практика на Stacion но и на индивидуалната практика на Алберт Хета. Едниот е “Identity Restoration Reloaded”(2012), како реконструкција на конференцијата “Event0: Identity Restoration” која се одржа на 27-ми јуни 2007, а кој се случи во контекст и во земја која немаше слични практики во однос на уметничката сцена, односно во земја со минорна култура на архивирање, во процес на исчезнување на јавните институции кои можат да бидат во функција на механизмите на сеќавање во едно општество – „создавање на историја“, како алатки за бришење и инженеринг на минатото за сегашните играчи на моќ што е доминантна пракса во оваа земја. Вториот проект е “do it” од 2013 кој се однесува на искористувањето на средствата за масовно споделување на информации и ширење на содржини, кои всушност не треба да бидат споделени со мнозинството денес. Проектот имаше за цел да отвори нови некалкулирани простори за размислување и да иницира акција што ќе отвори можности кои ќе ја променат позицијата на восприемачот на информацијата или уметничкото дело.

7-ми ноември (сабота)

Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје.

Време: 19.30 ч. 

Предавање и разговор со Андерс Кројгер (Anders Kruger), куратор во M HKA, Музејот на современа уметност во Антверп со наслов:

Дали социјалната држава е антитеза на уметноста?

Социјалната држава не е нешто што исклучиво припаѓа на минатото: нејзината иднина денес е широко дебатирана, и многу од нејзините клучни карактеристики се одредуваат од земји како што се Кина и Индонезија. Во 2015 година M HKA, Музејот на современа уметност во Антверп, постави изложба насловена "Социјална држава“, со визуелен материјал составен од плакати и материјали од архивата на четирите политички движења во Фландрија, нови и веќе постоечки дела од осум современи уметници. Изложбата не визуелизира носталгичен осврт кон социјалната држава во нејзината "класична" верзија. Наместо тоа, таа ги преиспитува фундаменталните противречности и недоследности на овој голем конгломерат од меѓусебно поврзани институции, кој често се нарекува голем споменик на демократијата и миротворните прагматични политики. Западниот концепт за држава на благосостојба е делумно бирократски, анти-револуционерен проект, кој беше започнат на почетокот на деветнаесеттиот век. Нејзиниот раст беше вплеткан во политички реалности како што се централизираната власт, студената војна, колонијализмот и деколонизацијата, изолационизмот и ксенофобијата или трошење на ресурси од природната средина преку немилосрдните процеси на индустријализација. Сè до денес социјалната држава функционира според прописи кои изричито се применуваат врз секого и секогаш на идентичен начин. Во оваа смисла таа би можела да се смета за „антитеза на уметноста“. И покрај тоа што ги штити основните човекови права и слободи, социјалната држава бара нешто за возврат: прво и основно е дека поединецот мора да се идентификува како припадник на општеството. Тоа, на крајот, е цена која не многумина уметници се подготвени да ја плаќаат во целост. Иако повеќето од нив се жестоки приврзаници на социјалната држава и во теорија и пракса, и можеби се фасцинирани од нејзините основни начела, тие обично не се подготвени да се придржуваат до правила формулирани од другите, освен од самите себе.

Модератор на дискусиите е Јане Чаловски.

Кратки наративни биографии на предавачите:

Алберт Хета е уметник, куратор, дизајнер и општествен критичар кој живее и работи во Приштина, Косово. Неговите дела се акт на интервенција инспирирани од постојечките општествени состојби, реакции на одредени ситуации, или преиспитување на постојните објекти. Неговите значајни дела како: “It’s time to go visiting: No visa required”, јавна интервенција врз билбордите на Бритиш ервејс во Приштина (2003), поставување на Амбасада на Република Косово во Цетиње (Црна Гора) поставена во рамки на Биеналето во Цетиње (2004), и косовскиот павилјон на Венециското биенале за 2005 година (2005), дистрибуирани во соработка со е-флакс, не се само инсталации или акти на присвојување, туку акти на ангажираност врз условите под кои делата биле прифатени од страна на кураторите, медиумите, политичарите и јавноста. Неговите дела се изложенувани во широк меѓународен контекст, вклучувајќи ги: Apexart (Њујорк), MARCO (Виго), Kunsthalle Fridericianum (Касел), Gallery Nova (Загреб), Manege (Москва) и други. Како ко-основач на независната уметничка институција Stacion - Center for Contemporary Art во Приштина, од 2006 година неговото делување е фокусирано на колаборативни интервенции и кураторски проекти реализирани во рамки на програмските активности на институцијата.

Андерс Кројгер е куратор во M HKA, Музејот на современа уметност во Антверп, и еден од уредниците на лондонското списание за современа уметност Afterall. Од 2006-2010 бил куратор во Lunds Konsthal, а од 2007-2010 директор на Уметничката академија во Малме, во неговата родна Шведска. Од 2007-2010 година бил член на Programme Team for the European Kunsthalle во Келн. Од 1997-1999 бил основач и директор на NIFCA, Нордискиот институт за современа уметност во Хелсинки. Кројгер интензивно работи како независен куратор во Западна и Источна Европа, Русија, Индија и САД. Тој објавува во списанија и каталози од целиот свет, има издадено бројни книги, и предава на неколку уметнички академии во Скандинавија (2001-2011). Предавал на магистерската програма за курирање на современа уметност на Кралскиот колеџ во Лондон (2003-2014) и на Меѓународната летна академија во Салзбург (2014).