НАОПАКУ: критичко уметнички дебати за институциите
Надворешни активности | Јане Чаловски | конференција „Наопаку ̶ Критичко уметнички дебати за институциите“ | Градската уметничка Галерија и Градскиот музеј во Љубљана | 20-21 ноември 2015.
Уметникот Јане Чаловски ќе земе учество на конференцијата „Наопаку ̶ Критичко уметнички дебати за институциите“. Конференцијата ќе се одржи на 20 ти и 21 ви ноември, во Градската уметничка Галерија и Градскиот музеј во Љубљана. Истата е иницирана како дел од изложбата „Наопаку – Не толку бела коцка“ курирана од Аленка Грегорич и Сузана Милевска.
Целта на конференцијата е да даде увид во теоретските дискурси и критичките уметнички практики на уметници, уметнички колективи, истражувачи и институции од Централна и Југоисточна Европа, кои се фокусираат на редефинирање на постоечките модели на институции и нивните програми, како и за подобрување на условите за работа при процесот на уметничка продукција. Учесниците ќе зборуваат за промената на односите меѓу уметниците и музеите, галериите, и другите јавни и приватни простори (кои се вклучени во процес на производство, презентирање, и колекционирање на современи уметнички дела) во време на социо-политички и економски промени, и кои рефлектираат на потреба од алтернативни меѓу-институционална или транс-институционални модели на институции, изработка на стратегии за истите, и редефинирање на нивните улоги.
Притоа, важни прашања на кои ќе се осврнат учесниците се следните: На кој начин уметниците и институциите допринесуваат во процесот на креирање на нови позиции и критички дискурси во однос на доминантните уметничко-историски наративи?; Како официјалните и неформалните уметнички институции и иницијативи можат да да влијаат врз други уметници, и дали се можни нивни промени при процесот на интеракција едни со други, за време на транзицијата од централизираната кон економијата на слободен пазар?; Какво влијание имаат уметниците и уметничките проекти врз формулирањето на побарувачката за одговорност на институциите преку нагласување на потребата за внатрешно-надворешни трансформации?
Презентацијата на Јане Чаловски ќе биде дел од сесијата насловена „Замислување и воспоставување на критичко - уметнички дискурси и позиции“ во рамки на која ќе се разгледаат различните критички уметнички ставови и иницијативи за преиспитување на системски структури, транспарентноста на институциите и на целокупната културна политика која се заснова на различни политички, економски и културни контексти. Сесијата ќе биде под модераторство на Ралука Воинеа (Raluca Voinea) и Владимир Видмар (Vladimir Vidmar), а освен Чаловски, останати учесници се: Тадеј Погачар (Tadej Pogačar), Славен Toљ (Slaven Tolj), и Владан Јеремиќ (Vladan Jeremić, ArtLeaks).