Соопштение Јадро - Културно наследство
Во пожарот кој во вторникот на 15 Јануари попладне пеплоса дел од зградата на Македоски пошти, односно некогашниот телекомуникациски центар (архитектонско ремек-дело на архитектот Јанко Константинов), неповратно се оштетени и уништени муралите изработени од еден од основоположниците на македонската современа уметност и најистакнатиот Mакедонски автор од пост кубистичката епоха Борко Лазески (Прилеп 1917 - Скопје 1993).
Уништувањето на муралот на Борко Лазески е поразувачки факт кој говори за неодговорноста на надлежните институции во однос на културното наследство. Имајќи го на ум фактот дека ова исклучително дело и не е дел од оние артефакти кои спаѓаат во заштитено културно наследство -наследство од прв ред- а не било ниту попишано и верифицирано како културно наследство од локален интерес, ЈАДРО- Асоцијација на независната културна сцена, смета дека е време да се отворат повеќе прашања и ургентно да се ревидираат постпаките и процедурите за валоризација, заштита и прогласување на движно и недвижно културно наследство особено она од модерната македонска историја во повоениот период.
Затечени сме од фактот дека ниту еден од муралите, витражите, декоративните елементи но и архитектонските дела на модерната (зградите на Поштата, Владата, Универзитет св. Кирил и Методиј, НБРМ, Архивот на Македонија, и др.) исто како и движните артефакти и дела кои се во сопственост на државните или приватните институции во земјава, иако исклучително вредни и значајни ремек дела на македонската уметност, едноставно не се препознати од надлежните институции и ставени под заштита (макар како објекти со употребна вредност и споменици од локално значење).
Зарем во земја во која културата е најголема светост и каде културата е дејност од национален интерес како што е во Република Македонија, владее само декоративна грижа за културното наследство и тоа особено во последните години?
Зарем огромните инвестиции во културата сепак се недоволни за зачувување на постоечкото светски признато наследство (како што беше случајот со муралите на Лазески), а доволни за мас-продукција на новокомпонирано, фингирано културно наследство?
Отворено прашуваме дали со запоставувањето на постоечкото културно наследство, особено она од периодот на кралството Југославија и повоениот период на СРМ, всушност некој сака да избрише дел од нашата историја или, можеби, едноставно ваквото однесување на надлежните институции е дел од новата преродба и дел од финансиските зделки кои се прават во име на заштитата на културното наследство и создавањето на ликот на Дизниевото Скопје.
Како асоцијација составена од културни работници, уметници, историчари на уметноста, сметаме дека е нужно да се одговори на следните прашања:
1. Кој одлучува и според кои процедури се одредуваат движните и недвижните дела за културно наследство?
2. Дали постои закон, увид и ревизија на она што треба да биде прогласено за културно наследство на 20тиот век?
3. Како се спроведува заштитата на културното наследство на дело?
4. Кога последен пат е направна валоризација на современото наследство во Македонија од страна на надлежните институции?
На крајот на ова писмо Јадро уште еднаш остро реагира на негрижата во однос на движното и недвижното културно наследство во Република Македонија без разлика дали се работи за наследство од национално или локално значење. Сметаме дека никој нема право да суди кое наследство е потребно и „соодветно” а кое не. Наше е она што постои да го зачуваме и предадеме на следните генерации во што е можно подобра состојба, најмалку онака како што ние сме го добиле од нашите предци и на тој начин да ја направиме МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА.