За хуманоста или функцијата на љубовта, втор дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

// настан конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева

27 јуни 2013 год

Тековни активности | Кураторски проект на Ивана Васева |  настан насловен За хуманоста или функцијата на љубовта како дел од кураторскиот проект  ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА | 21 часот, City Jazz Club MОЈО

Во четврток на 27 јуни 2013 година, со почеток во 21 часот, во City Jazz Club MОЈО (ул. Луј Пастер бр. 3А, позади поранешно кино Култура) ќе се одржи настанот под наслов „За хуманоста или функцијата на љубовта“. Ова е втор од петте настани кои ќе се реализираат во рамки на проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје.

Lice v lice
Вториот, од петте настани во рамки на проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје се однесува на човековиот порив за реакција и акција, како во граѓанска така и во уметничка смисла, во време на политичка, општестена и културна нестабилност и криза. Ваквите околности нè тераат да се запрашаме: До каде е границата на сопствената одговорност пред другиот?

„За хуманоста или функцијата на љубовта“ се состои од три дела.

На почетокот ќе биде претставен краток исечок од филмот „Werckmeister Harmonies“ во режија на Бела Тар.

Потоа следи презентација на уличниот магазин „Лице в лице“ каде ќе се долови хуманата димензија и активизмот во проектот, но и несолидарноста кај одредена група граѓани и одбивањето за соочување со реалноста видена низ конкретни примери. Презентацијата, воедно е и можност да се купи и најновиот број.
Магазинот „Лице в лице“ го продаваат припадници на загрозените, маргинализирани групи во земјава кој за прв пат излезе на 15 септември 2012 година како дел од Регионалната платформа за активизам и од Меѓународната мрежа на улични весници. „Лице в лице“ е осмислен со идеја да се подигне критериумот на публиката, но и да помогне во спроведуваање на една багородна мисија за економско и социјално засилување на маргинализираните групи. 

        Lice v lice. 1   1016777 473172672769184 1560269587 n

На крајот од настанот следи презентација на англиски јазик на кураторката Сара Рајсман насловена „Уметност вон уметноста: социјално-ангажирана уметничка практика во Њујорк“. Сара Рајсман е директор на програмата „Процент за уметничка програма“ во рамки на Одделот за културни работи при Градот Њујорк. Преку неколку примери презентацијата на Рајсман ќе се осврне на соработката на Градот Њујорк со интернационални уметници преку продуцирање на трајни уметнички дела сместени во јавен простор како јавни школи, паркови и слично, кои треба да дадат поинаква содржина и да го оплеменат новосоздадениот или реновирани градски простори. Рајсман има организирано повеќе од педесет изложби и уметнички проекти кои се фокусираат на политиката на јавниот простор кој е многу специфичен, а кој вклучува и социјална практика, соработка на различни нивоа, размислувања за неговата одржливост, но и зачувување на културниот идентитет на самиот простор при процесот на трансформација.

Sara Reisman
Претставувањето на работата на Рајсман е овозможено во соработка со Центарот за современи уметности од Скопје.

По вториот настан ќе следуваат и настаните (дополнително ќе објават учесниците):
III. настан: 4 јули, 2013 год. (четврток) - За сочувството или можноста за чувствена телепатија;
IV. настан: 11 јули, 2013 год. (четврток) - За акцијата или интрузијата во самиот живот;
V. настан: 18 јули, 2013 год. (четврток) – За одговорноста пред себе и другиот.


ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

Зашто само така се компонирани човековите животи. Компонирани се како музичко дело. Човекот, воден од смислата за убаво, го претвора случајниот настан (музиката на Бетовен, смртта на железничката станица) во мотив што ќе остане во композицијата на неговиот живот. Му се навраќа, го повторува, го менува, го развива како што композиторот ја развива темата на својата соната. […] Без да знае, човек го компонира својот живот според законите на убавината и во моментите на најдлабока безнадежност. […] Затоа не може да му се префрли на романот дека е фасциниран од тајната средба на случајностите (како што е средбата на Вронски, Ана, перонот и смртта, или средбата на Бетовен, Томаш, Тереза и коњакот), ама со право може да му се префрли на човекот дека во својот секојдневен живот е слеп за таквите случајности и така неговиот живот ја губи својата димензија на убавина.

Неподлосливата леснотија на постоењето
Милан Кундера

Постојат пет сосема случајни запознавања кои ја градат оваа приказна. Дека сите се појавија во одредени моменти на безизлезност е повеќе од точно ама дека некогаш помислив дека ќе формираат целина е далеку од намерното и планираното. Се собраа еден попладневен ден после еден понирачки длабок разговор на една тераса на ул. Орце Николов во Скопје, која наскоро и нема да постои, и добија целина.

Верувам дека човековиот живот е компониран како музичко дело кое го градат сплет од случајности и кои делуваат како знаци на иницијативност. Затоа и верувам дека ова што го нудам има смисла. А тоа што има смисла е што сите случајности реферираат на една обична човекова активација или решителност да се оттурне пасивизираното секојдневие, која се движи од внатрешниот порив преку мотивот, водечките нагони и планираните чекори сé до качувањето во возот во една нелинеарна траекторија исполнета со тишина.

Која е идејата преку која се разгледува овој концепт?

Или можеби најпрво прашање е, зашто го правиме она што го правиме?

Идејата на овој петчлен проект е преку посебни настани да ја преиспита нашата внатрешна решеност, одлучност и спремност да направиме чекор напред, да исчекориме во „непознатото“ поради верувањето во слободата и убавината. Преку пет зададени точки: за љубовта или внатрешниот порив, за хуманоста или функцијата на љубовта,  за сочувството или можноста за чувствена телепатија,  за акцијата или интрузијата во самиот живот и за одговорноста пред себе и другиот, овој проект е обид да допре до внатрешните, тенки нишки на себе-искусувањето но и до сложеноста на  релацијата со другиот.

Изложбата ја градат пет настани составени од дела од визуелната, литературната, музичката, филмската и активистички-насочената уметност веќе создадени но сега сврзани во една целина и кои заеднички водат кон една јасна индивидуална емотивна стимулација.

Од друга страна, во време кога нештата зовриваат и се чини се движат кон критична точка, едно од клучните прашања кои директно се поставуваат е  - дали има ефект она што го правиме?

Јас ќе прифатам два одговара. Во еден разговор добив одговор дека најважното кај уметноста е тоа што успева на најискрен начин да ги покрене емоциите и да не трогне до степен на активно реагирање и возвраќање на поставеното прашање а во друг дека за да биде така ќе треба само да се канализира и сосредоточи вревата. Тогаш ќе остане она што е важно. Мислам дека понатаму не треба многу зборување.

И.В.


Facebook линк: https://www.facebook.com/events/322238737909878/?ref=22