За одговорноста пред себе и другиот, петти дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

// настан конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева

18 јули 2013 год.

Тековни активности | Кураторски проект на Ивана Васева |  настан насловен „За одговорноста пред себе и другиот“ како дел од кураторскиот проект  ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА | 21 часот, City Jazz Club MОЈО

Во четврток на 18 јули 2013 година, со почеток во 21 часот, во City Jazz Club MОЈО (ул. Луј Пастер бр. 3А, позади поранешно кино Култура) ќе се одржи настанот под наслов „За одговорноста пред себе и другиот“. Ова е последен настан од петчлениот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје.

988624 415345021920547 1296747003 n

1001809 415344941920555 1360087964 n
1002113 415344971920552 939999669 nФотографии: Ана Лазаревска

Петтиот и последен настан од проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје насловен „За одговорноста пред себе и другиот“, следејќи ја веќе поставената траекторија на теми поврзани со човековото себе-активирање и односот со другиот, зборува за последниот чин на делување, кој може да биде и прв, а тое е одговорноста. Во овој контекст одговорноста е сфатена како предуслов, придружен елемент но и финален исход од една взаемност.

Оттаму, овој последен настан кој во синџирот на емоции и реакции кои започнаа со љубовта или внатрешниот порив, хуманоста, сочувството и акцијата, ќе се обиде да го деконструира неприкосновеното чувство на одговорност и потребата од заедништво кое со себе носи не само индивидуален туку и колективен влог.

IMG 9826

IMG 9833

IMG 9845Фотографии: Ана Лазаревска

Проектот „ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА:ТИШИНА“, кој сакаше да проговори за одговорноста на уметноста и за нејзината улога во современото општество, започна и завршува со цитат од Платон, правејќи така едно симболично заокружување на една размисла која во исто време се запрашува но и констатира: Па зарем не му е најважно на оној кој што се занимава со уметност кога ќе увиди дека наишло на „погодна душа“, а дека неговите идеи не останале јалови туку родиле со плод? Или како што вели Сократ во Платоновиот „Федар“: „Тоа е навистина така, драги мој Федар, но според мене, многу е поубава сериозната работа, кога некој, служејќи се со дијалектиката, ќе одбере погодна душа и со знаење во неа ќе сади беседи кои ќе можат да си помогнат и на себе си и на оној кој ги посеал, и кои нема да останат јалови, туку ќе родат плод, од кој во нови души непрестајно ќе никне нов посев, кој секогаш ќе му осигурува обновувачка бесмртност, а оној кој го чува, ќе го прави блажен, онолку колку што е тоа можно на земјава“.

1069303 10151701061123844 1337097491 n

IMG 9869Фотографии: Ана Лазаревска

Петтиот настан „За одговорноста пред себе и другиот“ ќе претстави една дадаистичка мини-гранд парада на експерименталниот вокално – инструментален состав „Свирачиња“ кои по долго време пауза повторно настапуваат со свој нов проект. Шоуто насловено „Лејт најт шоу- Свирачиња“ ќе го водат екстравагантни водители, ќе учествуваат специјални гости, а настанот преку музички парчиња, саркастични, зајадливи и бизарни прашања и одговори ќе понуди една надреална и хипнотична атмосфера типична за овој состав.

„Свирачиња“ е група од 5 уметници од Скопје, која се надоврзува на дадаистичката уметничка пракса (измислени јазици, музички импровизации, поезија, политички коментари). Главен елемент на нивниот концепт е импровизацијата и користењето на разновидни инструменти: детски играчки, традиционални македонски и класични инструменти, и најдени предмети.
Групата која го конципира овој настан ја сочинуваат: Владимир Лукаш, Љубиша Камењаров, Вук Митевски и Ѓорѓе Јовановиќ.


ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

Зашто само така се компонирани човековите животи. Компонирани се како музичко дело. Човекот, воден од смислата за убаво, го претвора случајниот настан (музиката на Бетовен, смртта на железничката станица) во мотив што ќе остане во композицијата на неговиот живот. Му се навраќа, го повторува, го менува, го развива како што композиторот ја развива темата на својата соната. […] Без да знае, човек го компонира својот живот според законите на убавината и во моментите на најдлабока безнадежност. […] Затоа не може да му се префрли на романот дека е фасциниран од тајната средба на случајностите (како што е средбата на Вронски, Ана, перонот и смртта, или средбата на Бетовен, Томаш, Тереза и коњакот), ама со право може да му се префрли на човекот дека во својот секојдневен живот е слеп за таквите случајности и така неговиот живот ја губи својата димензија на убавина.

Неподлосливата леснотија на постоењето
Милан Кундера

Постојат пет сосема случајни запознавања кои ја градат оваа приказна. Дека сите се појавија во одредени моменти на безизлезност е повеќе од точно ама дека некогаш помислив дека ќе формираат целина е далеку од намерното и планираното. Се собраа еден попладневен ден после еден понирачки длабок разговор на една тераса на ул. Орце Николов во Скопје, која наскоро и нема да постои, и добија целина.

Верувам дека човековиот живот е компониран како музичко дело кое го градат сплет од случајности и кои делуваат како знаци на иницијативност. Затоа и верувам дека ова што го нудам има смисла. А тоа што има смисла е што сите случајности реферираат на една обична човекова активација или решителност да се оттурне пасивизираното секојдневие, која се движи од внатрешниот порив преку мотивот, водечките нагони и планираните чекори сé до качувањето во возот во една нелинеарна траекторија исполнета со тишина.

Која е идејата преку која се разгледува овој концепт?

Или можеби најпрво прашање е, зашто го правиме она што го правиме?

Идејата на овој петчлен проект е преку посебни настани да ја преиспита нашата внатрешна решеност, одлучност и спремност да направиме чекор напред, да исчекориме во „непознатото“ поради верувањето во слободата и убавината. Преку пет зададени точки: за љубовта или внатрешниот порив, за хуманоста или функцијата на љубовта,  за сочувството или можноста за чувствена телепатија,  за акцијата или интрузијата во самиот живот и за одговорноста пред себе и другиот, овој проект е обид да допре до внатрешните, тенки нишки на себе-искусувањето но и до сложеноста на  релацијата со другиот.

Изложбата ја градат пет настани составени од дела од визуелната, литературната, музичката, филмската и активистички-насочената уметност веќе создадени но сега сврзани во една целина и кои заеднички водат кон една јасна индивидуална емотивна стимулација.

Од друга страна, во време кога нештата зовриваат и се чини се движат кон критична точка, едно од клучните прашања кои директно се поставуваат е  - дали има ефект она што го правиме?

Јас ќе прифатам два одговара. Во еден разговор добив одговор дека најважното кај уметноста е тоа што успева на најискрен начин да ги покрене емоциите и да не трогне до степен на активно реагирање и возвраќање на поставеното прашање а во друг дека за да биде така ќе треба само да се канализира и сосредоточи вревата. Тогаш ќе остане она што е важно. Мислам дека понатаму не треба многу зборување.

И.В.


Facebook линк: https://www.facebook.com/events/193455324148795/


29 јули, 2013 год.

ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

... Дека се започна од неколку случајности...

На крајот на сите варијации и измеѓу тишини од овој проект имам голема желба да им се заблагодарам на прекрасни луѓе и професионалци кои ми дозволија, помогнаа, учествуваа во речиси едномесечната изложба ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА која ја иницирав во џез барот Моџо во периодот од 20 јуни до 18 јули, 2013 год. во рамки на организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕЗГИТ.
На пред да почнам да ги редам имињата од големиот список кои безрезервно и ентузијастички се вложија во овој проект, само сакам да посочам на неколку моменти кои најверојатно ќе ме прогонуваат некој подолг период се додека не станат тишина а кои можат да служат и како основа за најправичната но и најдрска критика која ќе ја добијам.

ПРОСТОРОТ И КОНТЕКСТОТ
-Изложба секогаш подразбира одреден простор и е дел од еден поширок контекст и има одреден однос кон него. Но таа формира и сопствен простор но и контекст. Дали оваа изложба создаде нешто целовито во својата петделна дисперзираност и дали имаше однос со својата околина?
- Просторот треба да е подреден до степен на исчезнување ако се прикажуваат дела во негови рамки;
Дали просторот на џез барот се транформира до тој степен?
- Треба да е јасно зашто се избира одреден простор т.е. ако е алтернативен (бар, ресторан, чајџилница, болница, пошта, банка и сл.) да се знае зашто е тоа така;
Дали оваа изложба се обиде да покаже зашто сепак не се прави во институционален простор, т.е. дали може нејзината тематика може да се „смести“ во еден официјализиран сетинг?
- Изложбата мора да биде во корелација со општествено – политичката и економска ситуација. Таа по неминовност е но нејзините цели треба да бидат навестени или јасни;
Зашто оваа изложба се продуцира целосно без никаков буџет туку само врз основата на ентузијазмот и волјата на многумина? Дали пак од друга страна потребата за делување ја покажува и желбата за промена и за други начини на функционирање?

ИДЕЈАТА
- Главната идеја на изложбата мора да биде видлива. Или барем мора да остави подотворен прозор за да може да се ѕирка во нејзината внатрешност т.е. изложбата мора да има јасна поддржувачка структура;
Зашто изложбата вклучува два поими варијација и статичност? Дали тоа реферира на поширокиот контекст и публиката кога ќе се земе предвид фактот дека беше потенцирано дека зборува за човечкиот порив и желба за активација и преиспитување на односот со другиот?
- Треба да биде јасно и зашто се прави, со која цел и што сака да каже;
Ова е временски варијабилно но мора да има допир со реалноста.

ДЕЛАТА
- Треба да биде јасно и кои дела ја градат изложбата;
Зашто во оваа изложба повеќето од делата веќе се направени а само неколку се нови продукции? Од друга страна зашто во оваа изложба се вклучија и презентации, разговори и експериментални дискурзивни настани паралелно со уметничките дела?

ПУБЛИКАТА
- Треба да биде јасно за која публика е наменето она што се прави.
Дали оваа изложба е наменета само за уметничка публика? Да е така, зашто пак се одбира контекстот на јавно место наменето првенствено за уживање и лезет?И ако самите дела промовираат една потесна но и поширока активистичка поента зашто се споделува со истомислениците?

ЗАШТО?
И на крајот следува личната рефлексија зашто е создадено она што е создадено.
Треба да се има активен однос со тишината.

БЛАГОДАРНОСТ
Неизмерно и најискрено им благодарам на:
Јане Чаловски и Маја Васева кои ме инспирираа, ме подбуцнаа и поддржуваа цело време да го правам ова што го правам, Марија Николовска и Михајло Ангеловски, менаџери на City Jazz Club MОЈО, Ана Лазаревска без која немаше да може ова ни да е почне да се развива, Христина Иваноска која беше со мене цело време и направи дело специјално за овој проект насловено„Лични интроспекции: уметник и/или општество“, Јованка Попова, којаго следеше секој чекор највнимателно и најкритизерски, Филип Јовановски кој ги снимаше сите пет настани, Велимир Жерновски кој сосема ентузијастички ја вклучи својата инсталација „Однасловеното“ и несебично ми помогна да го организирам овој настан, помагајќи ми околу и дицејскиот настан на МАРИАГАРТА од Ф.Р.И.К. – Формација за развој на иницијативи во културата, младите актери Жарко Спасовски и Александар Михајловски кои ги покани Кристина Леловац и ги убеди дека треба да учествуваат во мојот проект; на Климентина Илијевски, Небојша Илијевски, Маја Неделковска и Анета Ристевска за нивната подготвеност и ентузијазам да учествуваат во проектоти да го претстават уличниот магазин „Лице в лице“ како и да поканат специјални гости на настанот: Предраг Гашовиќ и Александра Ристовски, стручен соработник од Црвен крст на град Скопје, на кураторката Сара Рајсман од Њујорк која направи специјална презентација на нејзината кураторска работа во овој проект како и на Центарот за современи уметности од Скопје кои беа партнери на ова претставување но и го позајмуваат нивното кабелче за проекторот, на Анета Спасеска, Славица Чавдаровска и Драган Крстевски од архитектонскиот колектив Прва Архи Бригад кои направија пресек на нивната неколкугодишна активност насловена „Поинакви ѕидови“ и безрезервно се согласија да учествуваат во проектот, на уметничката Нада Прља која веднаш се согласи да го претстави нејзиното видео дело по повод инсталацијата „Peace Wall“ за 7. Берлинско биенале иако живее во Лондон, на активистот Никола Наумоски и уметничката и активистка Ивана Драгшиќ кои и покрај многуте ангажмани кои се конципираат како итна реакција се согласија во тој секогаш краток временски период да смислат сосема нов концепт и на експерименталниот вокално – инструментален состав „Свирачиња“ кои успеаа најспектакуларно да го заокружат овој проект.

Исто така на големите луѓе: Платон за неговите две дела Гозба или за љубовтаи Федар или за убавината, Мишел Тремблеј за драмскиот текст „Стари миризби“, Бела Тар за филмот Werckmeister Harmonies, на Милан Кундера за неговата книга „Неподлосливата леснотија на постоењето“ и на Раиво Пусемп за неговото уметничко дело „Rosendale, A Public Work (1975-76)“.

Секако на крај им благодарам на сите оние кои постојано беа присутни на овие настани. На таа една мала но верна публика со која се надевам во иднина ќе имам прилика и да соработувам.